Infinite Menus, Copyright 2006, OpenCube Inc. All Rights Reserved.
 


Ексклузивно интервју за весникот „Илинден“: Д-р Олси Јазечи, албански историчар, публицист и политички аналитичар

28 септември, 2018

Read this page in English

Отпечати ја страницата

Olsi Jazexhi Македонски весник „Илинден“: Како гледате на перспективите за односите помеѓу Република Албанија и Република Македонија?

Д-р Олси Јазечи: Мислам дека односите меѓу Албанија и Македонија се развиваат многу добро. Албанија и Македонија имаат многу заеднички работи. Тие се Балкански земји кои делат Отоманско и Византиско минато. Многу Национал-Рилинди од Албанија потекнуваат од Македонија. Многу државници кои придонесоа за создавањето на Албанија во 20-тиот век беа Македонци. Во сегашната Влада на Еди Рама имаме министри кои потекнуваат од Македонија, иако тие не го признаваат тоа јавно. Македонците во Албанија, од поранешниот Муфтија на Албанија, Селим Муча, до Министерот за Дијаспора, Пандели Мајко, од секогаш биле многу влијателни во Албанија. Имаме многу универзитетски ректори, уметници, новинари, државни службеници, итн., кои потекнуваат од етнички македонски семејства. Јас лично имам многу пријатели Голоборди - Македонци муслимани, кои се свесни за нивното етничко потекло. Албанија и Македонија имаат многу заеднички нешта. Имаме заеднички етнички групи и сме две земји со големи заедници на Православни Христијани и Муслимани. Имаме заеднички езера, и нашите клими, култури и истории се многу слични. Ние сме како еден народ кој произлегол од заедничко отоманско-комунистичко минато. Постоењето на Албанци во Македонија значи дека Албанците како народ се многу поврзани со Македонија. Многу Албанци одат на одмор во Охрид и Струга и ги посетуваат Скопје и Тетово, и обратно: многу Македонци во лето одмараат на албанските плажи. Патот на Албанија и Македонија кон Европската унија ги трансформира Албанија и Македонија во две прекрасни провинции на Европа. Ако процесот на европска интеграција продолжи според планот, еден ден Македонија и Албанија ќе станат два европски „вилаети“ на Големата Европска империја, како што беа отомански вилаети пред 120 години. Ќе немаме граници и ќе станеме како една земја.


Македонски весник „Илинден“: Какво е вашето мислење за претстојниот референдум во Република Македонија?

Д-р Олси Јазечи: Референдумот што го спроведува Македонија за промена на името е срамен референдум оркестриран од страна на американската администрација, која очајно посакува да ја внесе Македонија во НАТО. Процесот со кој се наштетува на македонскиот национален идентитет започна во Македонија со американското мешање во нејзините внатрешни работи. Администрацијата на Обама и Клинтон, која се подготвуваше за војна со Русија, го нападна Груевски како можен русофил и го донесе Заев на власт. Владата на Еди Рама, која му служеше на шефот на ЦИА, Џон Бренан, одигра нелегална улога со притисокот кон албанските политички партии во 2016 да се приклучат кон интересите на американскиот империјализам и влијание и да се замешаат во внатрешните работи на Македонија со цел да ја донесат американската марионета - Заев - на власт. Референдумот на 30-ти септември е продолжение на американскиот проект со кој тие сакаат целосно да ја контролираат Македонија, како што ја контролираат Албанија од 2014 година. Референдумот од 30-ти септември има за цел да ја омаловажи и навреди Македонија во големата војна на Америка со Русија. Референдумот има за цел:
1. Да го смени името на Македонија,
2. Да ја потчини Македонија кон желбите на грчкиот шовинистички национализам,
3. Да ја внесе Македонија во НАТО,
4. Да ги употреби идните ресурси и луѓе од Македонија во војните што НАТО планира да ги води против Русија и исламскиот свет.

Референдумот од 30-ти септември има за цел целосно да ја потчини големата историја на Македонија, и истиот не ги третира Македонците како нација. Во мојата претходна видео-објава ги повикав Албанците и Македонците во Македонија да го отфрлат овој срамен референдум, да го изразат своето демократско право и да ги одбранат името и историјата на својата земја, како и да кажат „не“ на војните и плановите на НАТО. Со тоа што ќе го отфрлат референдумот за приклучување на НАТО, Македонците ќе го зачуваат својот европски идентитет и ќе се спротистават на меѓународна организација која сака само конфликти и војна.


Македонски весник „Илинден“: Какви се односите на Албанија со Грција и Турција?

Д-р Олси Јазечи: Односите на Албанија со Грција и Турција се многу комплексни. Владата на Еди Рама, во која доминираат христијаните, е главно исламофобна кон Турција и Исламот. Владата на Рама има затворено и прогонувано многу албански муслимани во последните неколку години, некогаш од многу забавни причини. Турција не е многу задоволна од нештата во Албанија и затоа има испратено многу поплаки во однос на поддршката на Албанија за антитурски групи сместени таму. Албанија нема одговорено на турските барања. Но во економски поглед, Албанија има добри односи со Турција. Премиерот Еди Рама и неговите министри имаат одлични односи со турски бизниси. Отворањето на Ер Албанија од страна на Туркиш Ерлајнс е еден таков пример. Сепак, во училиштата и на универзитетите во Албанија, училишните програми го напаѓаат отоманското минато на Албанија и велат дека Турците не ја говореле вистината и не биле цивилизирани. Феноменот кој стои во основа на албанскиот национализам може да се види дури и во Македонија и на Косово. Односите на Албанија со Грција се исто така комплексни. Премиерот Еди Рама, кој се опишува себеси како одново роден католик, во последниве години го напаѓа грчкото малцинство во Албанија, и дури ја сруши црквата „Св. Атанасиј“ во Дерми. Подоцна, владата на Еди Рама се обиде да им удоволи на Грците, но грчкото малцинство не е многу задоволно од тоа што владата на Рама и нејзините бизнисмени им го сторија на нивните имоти на југот на земјата.


Македонски весник „Илинден“: Дали се реалистични најавите за корекција на границите меѓу Србија и Косово и дали од истите би имало последици за Балканот?

Д-р Олси Јазечи: Прашањето за корекција на границите меѓу Косово и Србија е дел од барањата на американската администрација за Србија и Косово, со цел да се поправат границите и да се дојде до траен мир. Американците, откако ги внесоа Албанија и Црна Гора, и сега Македонија со Заев, во НАТО, сакаат да ги додадат и Косово и Србија. За да го сторат ова, прво треба да ги примораат Србија и Косово меѓусебно да се признаат, а за да го сторат тоа, тие сакаат да создадат етнички „чисти“ земји. Тие сакаат преостанатите Срби на Косово да прејдат во Србија, а преостанатите Албанци од Србија да прејдат на Косово. Постоењето на ривалски етнички групи на Косово и Србија ќе биде извор на тензии помеѓу двете земји во иднина. На Претседателите Вучиќ од Србија и Тачи од Косово им е наредено од страна на одредени западни политичари, и веројатно од страна на администрацијата на Трамп, да ги разрешат своите етнички прашања и прашања за границата и да се признаат едни со други за Русија да нема изговори за мешање во иднината на Балканот. Верувам дека порано или подоцна ќе се случи размена на територии помеѓу Србија и Косово и двете земји ќе се приклучат на НАТО, иако за Србија овој процес можеби ќе трае подолго. Последиците за Балканот од ова проширување на НАТО се што ние сите ќе бидеме колонии на НАТО, а Американците ќе доминираат со надворешната политика на нашите земји на истиот начин на кој Римската империја ги контролирала и доминирала со античка Македонија, Дакија, Илирија, итн. Ние ќе се бориме за НАТО, исто како што античките Македонци, Дакијци, Илиријци се бореле и биле поробени од страна на Рим. Историјата се повторува на Балканот, уште од падот на комунизмот.


Македонски весник „Илинден“: Како стои Република Албанија со почитувањето на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија?

Д-р Олси Јазечи: Во Албанија има многу Македонци. Некои се муслимани, а други се православни христијани. Во места како Гора, Преспа, Голо Брдо, Тирана, Корча, Поградец, Либражд и Дибра има големи македонски заедници. Општо гледано, Македонците се добро интегрирани во албанското општество. По падот на комунизмот, Македонците добија многу права. Сепак, малку Македонци јавно го признаваат својот етнички идентитет во медиумите и во јавноста воопшто. Заради шовинистичкото и националистичко минато на Албанија, многумина се плашат да го изразат својот идентитет. Многу Македонци се асимилирани и го изгубиле идентитетот и денес се прикажуваат како поголеми Албанци од Албанците. Во Албанија недостига мултикултуралност и толеранција. На многу телевизии и весници често можат да се видат навреди против другите малцинства. Во албанските училишта, на албанските деца им се сервираат приказни дека сите жители на Албанија се Албанци. Им се кажува дека Скендербег и Мајка Тереза се Албанци, иако имаат роднини Македонци. Понекогаш дури и универзитетски професори-Македонци, кои се плашат да размислуваат поинаку, ги прифаќаат овие албански приказни. Приказните на албанскиот национализам се само дел од причините зошто Македонците и другите малцинства се плашат да го изразат своето етничко потекло во Албанија.


Македонски весник „Илинден“: Д-р Олси Јазечи, ви благодариме за интервјуто во име на македонскиот весник „Илинден“ од Тирана. Ви благодариме за соработката, и Ви посакуваме личен и професионален успех.


Македонски весник „Илинден"

Главен и одговорен уредник: Никола Ѓурѓај




 
Join Us Videos Follow Us





ACT NOW and SHARE

Macedonian newspaper
in Albania

Proudly supported by MHRMI

MHRMI needs your support

Can you spare a dollar a day for Macedonian human rights?
The Macedonian human rights movement in all parts of Macedonia is stronger and showing more potential than ever, but we need your help to continue our progress. Get involved. Volunteer. Donate. Join the MHRMI Dollar a Day fund and make a difference.

You can make a difference for Macedonians struggling to achieve their human rights. Please do it today. Thank you for your support.

Search the Web
Search the MHRMI Archives
 
© 1997-2018 Macedonian Human Rights Movement International - All Rights Reserved.
This website is hosted and under development by: TJ-Hosting